Во кој состав машката ракометна репрезентација ќе ги почне подготовките пред настапот на јануарското СП во Германија и во Данска, ќе се знае за ден-два. Собирот на репрезентацијата е закажан за во понеделник во 16.30 часот, а веднаш потоа ракометарите ќе го одработат и првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“
Селекторот Раул Гонзалес денеска треба да пристигне од Франција и до утре се очекува да ги „затвори“ сите дилеми околу составот, дали ќе има рез и подмладување и кој од ракометарите од поширокиот список од 28 ќе почне со подготовките, а кој ќе остане во резерва.
Од стандардниот состав засега се уште е отворено прашањето околу настапот на Филип Миркуловски. Средниот бек на Вецлар беше на поштеда на последниот собир во октомври, на двата натпревари со Турција и со Грција во квалификациите за ЕП 2020. Неофицијално, изминатиов месец циркулираше информација дека Миркуловски нема да игра ни на претстојното СП во Германија и дефинитивно ќе стави крај на репрезентативната кариера, поради преголемиот напор и борбата со повредите.
Од друга страна, од раководството сметаат дека помошта од Филип Миркуловски е потребна и важна за репрезентацијата во настапите на СП на кое се брка и виза за олимписките квалификации за Токио 2020.
СП во Германија и Данска стартува на 10 јануари. Македонија првиот натпревар го игра на 11 јануари против селекцијата на Јапонија. Во групата во Минхен се уште и селекциите на Шпанија, Хрватска, Исланд и Бахреин. Првите три репрезентации во групата обезбедуваат пласман во втората фаза на шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА