Селекторот Раул Гонзалес го скрати списокот од 28 на 20 ракометари, кои ќе се појават на официјалниот старт на подготовките за баражот за СП 2019, закажан за понеделник. Шпанскиот стратег не прави некои посериозни промени во однос на „ростерот“ од последниот европски шампионат, па така и на денешниот скратен список се најдоа Немања Прибак и Филип Лазаров.
При следниот „рез“ ќе бидат избришани и двајца голмани, откако меѓу 20-те ракометари има четири чувари на мрежата, и тоа Борко Ристовски, Никола Митревски, Мартин Томовски и Златко Даскаловски. Во однос на првиот список од комбинација отпаднаа: Мартин Манасков, Јане Цветковски, Мартин Серафимов, Стефан Дрогришки, Ласко Андоновски, Димитар Димитриоски, Томи Јагуриновски и Костадин Петров.
Собирот е закажан за 4 јуни 2018 (понеделник) со почеток од 16:30 часот во хотелот Александар Палас во Скопје. Веднаш потоа, ќе се одржи и првиот тренинг на репрезентацијата, од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.
Македонија првиот меч од баражот со Романија ќе го игра во Скопје на 10 јуни, а реваншот ќе се игра три дена подоцна во Клуж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА