Ракометарите на Вардар утре заминуваат за Германија каде в сабота го играат првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Фленсбург. За „црвено-црните“ ова е четврто четвртфинале во ЛШ во серија, втора четвртфинална пресметка со Фленсбург и нов обид конечно да се оствари долгогодишната цел – пласман на Ф4 турнирот во Келн.
Во редовите на македонскиот шампион свесни се за тежината на задачата, но, и за предизвикот што стои пред нив во овие два натпревари против германскиот претствник, овој во сабота на гости и реваншот на 27 април во Скопје. Во принцип, реваншот на домашен терен е олеснителна околност за секоја екипа, но тренерот на Вардар, Раул Гонзалес предупреди дека за пласман во завршницата на ЛШ, ќе мора поголем дел од работата да завршат уште на првиот меч во Фленсбург, а реваншот да биде само потврда на успехот.
„Ако сакаме да игра на Фајналфор во Лигата на шампионите, не треба да чекаме да победиме овде во Скопје. Работата треба да ја завршиме уште на првиот натпревар во Фленсбург. Работиме цела недела максимално, не очекува тежок дуел и свесни сме за тоа. Фленсбург е силен противник, играат добро во нападот и во одбраната. Но, ние сакаме да играме на Фајналфор во ЛШ и знаеме дека треба да ја искористиме секоја шанса, да одиграме добар натпревар таму. Имаме добар тим, играме добро сезонава, треба и во Фленсбург да одиграме како што одигравме во финалето на СЕХА. За да успееме во ова четвртфинале, треба да го одиграме најдобриот натпревар сезонава“ – истакнува тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
Во пресрет на првиот меч од четвртфиналето со Фленсбург, единствен проблем за Раул Гонзалес во составот на „црвено-црните“ е состојбата на Игор Карачиќ. Хрватскиот бек поради болест деновиве не тренирал и неизвесно е дали и колку ќе може да игра на првиот меч од четвртфиналето во ЛШ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА