Меѓу селекторските обврски со репрезентацијата на Македонија која ја очекува настапот на ЕП во Хрватска, селекторот Раул Гонзалес, денеска стигна да го одработи и првиот тренинг со Вардар на стартот од подготовките за вториот дел од сезоната.
На тренингот во СЦ „Јане Сандански“ присуствуваа осум ракометари на европскиот шампион кои немаат обврски со националните тимови.
Есенскиот дел од сезоната Вардар го заврши без пораз во регионалната СЕХА лига и во Лигата на шампионите, а тенденцијата е победничката серија да продолжи и во пролетниот дел и на двата фронта.
„Мора да бидам задоволен од првиот дел затоа што имавме одлични резултати на сите натпревари. И во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите сме први на табелата и треба да продолжиме да играме како и досега, без притисок, без грешки и да освојуваме бодови. ВО СЕХА лигата мислам дека треба да се подготвиме за фајнал-фор. Во ЛШ сме во многу добра позиција, имаме три бода предност на табелата пред Нант, но сега следуваат натпревари со Барселона и со Нант и треба да победиме во гости кај едните или кај другите. Од друига страна следи и Европското првенство и јас им посакувам на сите здравје, затоа што и за нас ова е многу важно. Мора целата екипа да биде во форма и да играме одлично и во осминафинале и во четвртфинале во Лигата на шампионите“ – изјави тренерот на Вардар, раул Гонзалес за официјалниот сајт на клубот.
Вториот дел од сезоната „црвено-црните“ го отвораат на 2 февруари со дуелот против Мешков Брест на гостински терен во СЕХА лигата, а на 10 февруари Вардар ќе и гостува н Барселона во „мечот на неделата“ во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА