Вардар ја потврди фаворитската улога во полуфиналето со Мешков Брест и обезбеди пласман во неделното финале на Ф4 турнирот во регионалната СЕХА лига во кое ќе атакува на четвртата шампионска титула. Вардарци беа доминантни на теренот во сите 60 минути, имаа контрола на играта и на резултатот и заслужено и очекувано стигнаа до посакуваниот триумф. Тренерот Раул Гонзалес ја потенцираше играта во одбраната и одбраните на Штербик како клучни во победата против Мешков Брест.
“Среќен сум што мојот тим играше добро на овој меч. Игравме добро во одбраната, а Арпад Штербик беше одличен на голот. Мешков Брест игра добар ракомет, во првото полувреме беа само три гола зад Вардар, но од друга страна беше помалку нејасно како ќе одиграме бидејќи 25 дена бевме без натпревар. Поради тоа сум уште позадоволен како одигравме денеска. Сега се фокусираме на финалето пред нашата публика“ – истакна Раул Гонзалес.
Тренерот на Мешков Брест, Сергеј Бебешко потенцираше дека неговиот тим покрај сите проблеми со повредите не можел да одговори на ваквата игра на Вардар.
„Честитки за Вардар кој одигра добро во одбраната. Имавме проблеми во нападот, губевме топки, во второто полувреме имавме уште послабо издание. Вардар го искористи моментот, а исто така и Штербик имаше одлични одбрани. Сега ни останува да се подготвиме и да се бориме за третото место“ – рече Бебешко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА