Вардар славеше против Висла Плоцк (22-26) на гостувањето во Полска и победнички стартуваше во одбрана на титулата во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ имаа контрола на играта во текот на целиот натпревар и беа подобриот тим во овој натпревар со неочекувано изедначен финиш. Според тренерот Раул Гонзалес, клуч за победата на Вардар е добрата игра во одбраната.
„Среќен сум бидејќи победивме. Тука е навистина тешко да се освојат бодови. Висла има одличен тренер и добри играчи. Ние добро игравме во одбраната и тоа беше една од главните разлики. Висла беше подобра на почетокот од вториот дел. Тоа ни донесе проблеми, но успеавмеда се консолидираме и да победиме“ – изјави тренерот на Вардар по победата во Плоцк.
Десното крило на Вардар, Иван Чупиќ, ја потенцираше важноста на оваа стартна победа на гостински терен.
„Честитки за екипата на Висла. Имаа свои добри моменти, ние бевме подобри во првото полувреме, а тие во првите 15 минуити од вториот дел. Знаевме дека тие играат многу добро на домашен терен, но мислам дека заслужено победивме. Ова се многу важни бодови за нас. Знам дека на сите екипи ќе им биде тешко тука да играат, уште повеќе да победат. Ние сега уживаме во победата“ – вели Иван Чупиќ.
Во следното коло во Лигата на шампионите, Вардар на 23 септември во Скопје го пречекува Нант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА