Арпад Штербик беше клучниот играч во победата на Вардар на гостувањето против Пик Сегед со 21-23. Тоа го истакна и тренерот на „црвено-црните“, Раул Гонзалес, по триумфот со кој ватрдарци се зацврстуваат на лидерската позиција во групата Б во Лигата на шампионите.
„Добро игравме во првите 15 минутиод натпреварот бидејќи бевме добро подготвени за одбраната 5-1. Имавме и грешки, дозволувајќи му на противникот постојано да се враќа во игра. Мислам дека бевме подобри во првото полувреме. Тие одиграа добро од почетокот на вториот дел, но ние го имавме Арпад Штербик, а потоа ја сменивме и одбраната. Многу проблеми ни правеше Скубе. На крајот одигравме добро во решавачките минути. Ова е важно за нас и многу сме среќни што победивме бидејќи знаеме колку е тешко да се игра тука“ – истакна Раул Гонзалес.
Штербик беше на вистинското место во клучните моменти, запиша 13 одбрани, фати три седмерци и неколкупати го враќаше Вардар во игра.Тој беше нерешлива енигма за домаќините и главен креатор на триумфот на вардарци.
„Секој меч меѓу нас и Пик Сегед е неизвесен. Резултатот го покажува тоа, предноста постојано се менуваше на едната и на другата страна.Сега можеби ние имавме повеќе спортска среќа, но лесно можеше да се случи и Пик Сегед да постигне гол во клучните моменти. Оваа победа многу ни значи и среќни сме што ги освоивме бодовите во овој дуел“ – изјави Арпад Штербик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА