Раул Гонзалес: Сигурно ќе има промени во играта на Романија, мора да бидеме подготвени

ЕКИПА во Клуж,

Билјана Б.Петрушева

Македонските ракометари го одработуваат тренингот во салата „Демиан Хорија“ во Клуж каде утре (17.30 ч.) ќе го играат реваншот против Романија од баражот за пласдман на СП 2019 во Германија и во данска. Македонија има осум гола предност од првиот меч во Скопје и реално голема шанса утре да го завери пласманот на СП. Но, селекторот Раул Гонзалес сепак, предупредува дека мора да бидат максимално внимателни и подготвени за евентуалните промени во играта што може да ги направи Чави Пасквал за утрешниот реванш.

„Треба да се подготвиме како што треба. Сите велат дека ќе биде лесно, ама мора да бидеме многу внимателни. Кога се игра дома е малку подобро. Ако отворат со 3-4 гола разлика за нив, тогаш имаат шанса да поминат. Треба да играме како што одигравме на првиот меч дома. Знаеме дека тие може да променат нешто во играта, немавме многу време да се подготвуваме за вториот натпревар, но треба да бидеме мирни и сигурни. Сите сте многу задоволни по првиот меч, но мора да имаме почит и трпение“ – истакнува селекторот на Македонија.

 

Потенцирајќи дека Романија има капацитет да одигра многу подобро отколку на првиот меч во Скопје, Гонзалес пред денешниот тренинг посочи и каде ги очекува тие промени во играта на Романија.

„Романија има квалитет и капацитет да одигра добро. Имаат неколку добри шутери – Ракотеа, Јонеа кои играат на максимално ниво. Ние одигравме добро, Борко беше многу добар во првото полувреме и ние тука направивме разлика. Но тие секако имаат шанса, треба да бидеме внимателни и подготвени. Може да играат повторно 7-6, или да играат одбрана 5-1 на Миркуловски, очекувам некои промени. Сигурно ќе има одредени промени во нивната игра, сигурно Пасквал ќе смени нешто, но реално, нема многу време за некои големи промени. Може да играат повторно 7-6, или да играат одбрана 6-0 или  5-1 на Миркуловски, може да играат 3-2-1. Може да смени нешто, но не многу. Сепак, ние треба да бидеме подготвени“ – потенцира Раул Гонзалес.

Во однос на првиот меч во Скопје, за утрешниот реванш во Клуж, Раул Гонзалес „носи“ 17 ракометари откако во составот го приклучи и Златко Даскаловски како трет голман.

Се вчитува...