Требаше да е финале: Раул ќе се бори за бронза против својот иден клуб

Наместо во планираното финале за титула, Вардар и ПСЖ денеска (15.15 ч.) во „Ланксес Арена“ во Келн ќе играат за утешното трето место. И се уште актуелниот европски шампион и „милионерите“ од Париз во вчерашните полуфинални дуели беа порaзени од дебитантите на Ф4, Вардар од Монпeлје, а ПСЖ од Нант.

Овој втор настап на „вардарци“ на Ф4 турнирот во Келн не завршува онака како што сите посакуваа, европските шампиони останаа без титула и останува денеска да одиграат за чест и за достојно збогум од „црвено-црниот“ дрес на многумина од нив.

„Тоа што не играме во финалето е лошо за целиот тим и за целата ситуација во нашиот клубот“ – рече голманот Страхиња Милиќ, најавуваќи дека ова е можеби и последниот настап на Вардар на Ф4 турнирот во Келн.

Во најнеобична позиција дефинитивно е тренерот Раул Гонзалес на кого му се погоди последниот натпревар на клупата на Вардар во ЛШ да го игра против својот иден клуб, ПСЖ.

„Сите очекуваа дуел Вардар – ПСЖ и ќе го има, но ниту ни, а сигурно ни тие, не сакавме да играме за третото место“ – истакна Раул Гонзалес кој од следната сезона ќе го замени Звонимир Сердарушиќ на клупата на ПСЖ.

Вардар и ПСЖ последен пат играа меѓусебе лани во финалето на Ф4 во Келн во кое вардарци славеа со 24-23. Годинава и едните и другите се во многу подруга ситуација.

„Мора да го заборавиме полуфиналето и да се фокусираме на следниот противник“ – вели тренерот на ПСЖ, Звонимир Сердарушиќ, откако парискиот тим ни во третиот настап на Ф4 останува без шампионска титула.

А, кога веќе е загубена шансата за титула во Лигата на шампионите, во денешниот меч остануваат индивидуалните постигнувања и желбата настапот во Келн сепак да се заврши со позитивен резултат. На левото крило на ПСЖ, Уве Генсхајмер, му недостасува уште еден гол за да ја освои третата титула најдобар стрелец во Лигата на шампионите по 2011 и 2017. Генсхајмер досега има постигнато 88 гола исто како и Маркус Олсон од Скјерн.

Освен за тренерот Раул Гозналес и за неговиот помошник Давид Дејвис, ова ќе биде проштален меч во дресота на Вардар во ЛШ (дома им останува уште дуелот со Металург), Лука Циндриќ (Кјелце), Илија Абутовиќ (Рајн Некар Левен), Жоан Канелјас и Хорхе Македа (ПИК Сегед)… На другата страна, ова ќе биде проштaлен меч за тренерот Сердарушиќ и меч со кој ќе заврши блескавата европска кариера на Даниел Нарсис.

Се вчитува...