Македонската ракометна репрезентација од денеска продолжи со тренинзи, на десет дена пред официјалниот почеток на ЕП 2018 во Хрватска. „Црвено-жолтите“ денеска и утре ќе тренираат во Скопје, а в четврток со авион заминуваат за Белград, каде ќе одиграат две контролни средби. На 4 јануари противник ќе ни биде Саудиска Арабија, додека на 5 јануари нашите ракометари ќе се сретнат со Србија, во последната контрола за ЕП и дуелот со Словенија што ќе го играат во Загреб на 13 јануари.
Селекторот Раул Гонзалес реши за Белград да патуваат 19 ракометари, оставајќи ги во Скопје голманот Мартин Томовски и средниот бек Горан Крстески, кои минатата година беа дел од младинската репрезентација која стигна до историски пласман на СП во Алжир.
„Томовски и Крстески не патуваат за Белград, но потоа ќе продолжат со тренинзи со остатокот од репрезентацијата по враќањето назад во Скопје“ – изјави директорот на репрезентацијата, Милчо Чакарески.
По враќањето назад во Скопје ракометарите ќе тренираат и ќе ја „шминкаат“ играта на тактички план уште неколку дена, по што Гонзалес дефинитивно ќе пресече и ќе ги избере оние репрезентативци кои ќе ги бранат боите на Македонија на ЕП во Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА