ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Раул Гонзалес ја искористи прес-конференцијата по дуелот со Чиле и за нешто подетална анализа околу играта на македонската репрезентација на ова СП. Свесен за критиките на негова адреса поради упорното форсирање на „седум на шест“, тој останува цврсто на ставот дека тоа беше вистински тактички потег кој за жал не го донесе посакуваниот пласман меѓу 12-те најдобри селекции во светот.
„Македонија не е репрезентација со огромен број на врвни играчи, затоа мора да се сведе на силен колектив, да игра нешто специјално за да може да се носи со сите ривали. Мислам дека седум на шест беше идеален одговор за такво нешто, видовте како функционираше на пријателскиот меч со Србија, на кој за дваесетина минути ни донесе предност од десет гола. Тогаш знаев дека можеме да функционираме и мислам дека во голем дел од натпреварите париравме добро и на Хрватска и на Шпанија и на Исланд. Не е точно дека форсирав „седум на шест“, јас сум тренер што се адаптира на тимот, што сака да направи се за да победиме. Комуницирам со ракометарите и потоа ги носам конечните одлуки“ – истакна Раул Гонзалес.
Тој проговори и за придобивките од оваа тактика на светскиот шампионат во Германија и во Данска, пред се посочувајќи ја играта на капитенот Кире Лазаров.
„Неслучајно секогаш првото полувреме го игравме на поблиската страна на Кире Лазаров, за да видиме како ќе се одвива мечот, за потоа да знаеме како да го користиме капитенот во продолжението. Седум на шест е тактика од која Кире профитира, бидејќи игра без многу контакт, со шут или интелигентно додавања и не се троши премногу. Тој може да издржи да изигра и десет натпревари во низа по 60 минути во напад „седум на шест“, а ако е шест на шест, со бројни стартови над него – тоа веќе би било многу поразлично“ – вели Гонзалес.
Шпанецот останува цврсто и на одлуката на среден бек речиси цел Мундијал да го одигра Филип Лазаров, иако поранешниот капитен на Вардар сега настапува во четвртата германска лига.
„А кажете ми кој друг да игра на среден бек? Кузмановски играше на периоди, но треба да се разбере, Кузмановски и Талески од едната, како и Лазаров од другата страна, тоа се шутери. Ни требаше играч со финта, некој што ќе знае да ја задржи топката, затоа го избрав Филип Лазаров. Е сега, супер ќе беше да го имавме Миркуловски, тогаш ситуацијата ќе беше поинаква и во одбраната, но тоа е тоа“ – истакна Раул Гонзалес.
За крај, следеше и прашање за иднината на македонската репрезентација.
„Многу се зборува за иднината, но јас сакам да се посветам само на сегашноста. Што да кажам како ќе биде за десетина години ако ние сега не си ја завршиме работата добро. Се потенцираа младите ракометари и пред шампионатот и во текот на СП, јас секогаш велев дека треба да уживаат во ова искуство“ – порачува „ел команданте“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА