Ракометарите на Вардар денеска отпатуваа за Словенија, каде утре во рамките од Лигата на шампионите ќе му гостуваат на тимот на Целје. Целта е јасна – нова победа и задржување на првото место на табелата, но Раул Гонзалес ги предупреди своите избраници дека против себе имаат екипа што знае да биде крајно незгодна.
„Пред нас е многу брз натпревар. Целје игра така секогаш кога е домаќин. Го гледавме сега нивниот мечот со Кјелце. Имаат и млади и поискусни играчи. Одбраната е интензивна со голем притисок. Очекувам тежок меч. Треба да се биде подготвен за се, никогаш не знаеш како тие ќе играат. Може и да имаат нови комбинации. Треба да играме како и досега, сконцентрирани на она што не очекува“ – изјави Раул Гонзалес.
Капитенот Стојанче Стоилов ќе го пропушти овој натпревар поради повреда, исто како и Хорхе Македа, но оние кои ќе настапат се решени да го дадат максимумот и да стигнат до нова победа.
„Не очекува тежок меч после доста трошење на дуелот со Барселона, па потоа дојде и Загреб, и тука требаше да се потрудиме на почетокот. Така ќе биде и во Словенија, имаме мали проблеми со повредите. Ние сме европски прваци и треба така да се однесуваме, да сме мотивирани. Тие играат добро, играат со многу трчање, брзи напади и се надевам ќе го сопреме Млакар нивниот најдобар играч и дека ќе славиме во Словенија“ – оптимист е пивотот Мијајло Марсениќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА