Македонскиот вицепрвак Пелистер ќе продолжи со нов тренер во натамошниот дел од сезонава откако Александар Петровиќ реши да го напушти кормилото на битолските „зелено-бели“.
Поранешниот тренер на МЗТ Скопје во текот на летниот период се пресели на клупата на Пелистер, а по слабите резултати на домашната сцена и во АБА2 лигата тој по последниот пораз од Куманово самиот си поднел оставка.
„Александар Петровиќ повеќе не е тренер на КК Пелистер откако овој искусен стратег си поднесе оставка од функцијата по поразот на гостувањето против Куманово.
Петровиќ пристигна на чело на стручниот штаб во текот на летото и му беа обезбедени максимални професионални услови за извршување на функцијата. Тој во целиот овој период ја имаше поддршката на раководството, но самиот донесе одлука да се повлече од кормилото, соопштувајќи ја истата на кошаркарите по последниот меч одигран во Куманово.
Кошаркарскиот клуб Пелистер јавно му се заблагодарува на Петровиќ за максималниот професионализам и посветеноста во овој период додека ја извршуваше функцијата во нашиот клуб.
Исто така, му посакуваме многу среќа во идните ангажмани…“, се вели во соопштението на КК Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

