„Раздрмана“ атмосферата во Јунајтед, Мегваер ја губи капитенската лента!?

Нов внатрешен проблем создава тензија во Манчестер Јунајтед, каде што веќе подолго време е „раздрмана“ атмосферата. Овој пат причина е капитенската лента. Привремениот менаџер на тимот Ралф Рангник веќе остварил разговор со актуелниот капитен Хари Мегваер и големата ѕвезда Кристијано Роналдо, кој несомнено е најискусниот играч на „црвените ѓаволи“.

Според „Мирор“, Германецот има намера да му ја даде лентата на Роналдо и со тоа да ја ослободи тензијата од рамениците на Мегваер, кој веќе е во прилично лоша форма од почетокот на сезоната. Рангник веќе преговара со двајцата и бара Мегваер да му ја предаде капитенската лента на Роналдо до крајот на сезоната.

28-годишниот Мегваер, кој дојде во Јунајтед за рекордни 80 милиони фунти во 2019, е постојано мета на критики за својата игра, но не сака да се откаже од позицијата на капитен и се чувствува „постојано поткопуван“ од Роналдо, кој има огормно влијание на младите фудбалери. Се вели дека позицијата на Роналдо е сосема коректна за Мегваер бидејќи тој ги повикал играчите да го поддржат и да го слушаат својот капитен.

Сепак, по ваквата информација следуваше брз одоговор на Хари Мегваер, кој преку својот твитер профил реагираше, па експресно ги демантираше ваквите шпекулации.

„Сум видел многу вести за овој клуб кои не се точни, таква е и оваа. Нема да почнам да постирам за се што се пишува, но ова треба да го разјаснам. Ние сме обединети и фокусирани за мечот во недела. Уживајте сите во денот“, напиша Мегваер.

 

 

 

Се вчитува...