Кошаркарите на Блокотехна продолжуваат со одлични игри на стартот од новата сезона, во петтото коло забележувајќи ја и својата петта победа, трета во домашното првенство. Блокотехна денеска се сретна со Шкупи, меч што наместо во Чаир се играше во салата „НОЕЛ“ во Гевгелија, а избраниците на Марјан Илиевски апсолутно заслужено стигнаа до убедлива победа од 83-115, првпат сезонава во Првата лига минувајќи ја границата од 100 постигнати поени (99 против Кожув, па 95 против Пелистер).
Сите дилеми околу победникот беа решени уште во првата четвртина, во која тимот од Гевгелија целосно доминираше на теренот, па по десет минути игра резултатот гласеше 37-13. Проблем за Блокотехна претставуваше повредата што на самиот почеток ја заработи стартниот плејмејкер Младеновиќ, кој незгодно падна во обид да спаси една топка во аут и потоа не се врати на теренот до крајот на мечот.
Илиевски во вториот период изротира дел од петорката, шанса доби и новото засилување Марко Дујковиќ, а Шкупи со подобра реализација во нападот успеа да се врати, па и да ја спушти разликата под десет поени. На одмор се замина со водство на Блокотехна од 53-42, за потоа во вториот дел оваа екипа уште повеќе да доминира и на крајот да триумфира со конечни 32 поени разлика.
Бенџамин со 28 поени беше најефикасен кај Блокотехна, Мијатовиќ постигна 25, додека плејмејкерот Мелори стигна до дабл-дабл од 16 поени и 11 асистенции. Прв стрелец на Шкупи повторно беше Американецот Харис со 27 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА