Размена на голгетерите: Џеко доаѓа во Интер…

Интер е клубот што делува најсериозно во обидите да го доведе Един Џеко во своите редови откако „нероаѕурите“ почнале преговори со Рома, нудејќи го Алексис Санчез во директна размена за босанскиот репрезентативец.

Џеко е во војна со тренерот Фонсека, кој не само што го изостави од тимот, туку и во последните два дена му забрани да тренира со првата екипа. Желбата на Фонсека е јасна – Џеко да биде продаден, но проблем за „волчицата“ е што нема толку заинтресирани клубови со оглед на возраста и платата што ја зема искусниот голгетер.

Тука на сцена стапува Интер со Алексис, бидејќи Чилеанецот има речиси иста заработувачка како и Џеко. „Нероаѕурите“ се подготвени за ваква размена, со што би му ја исполниле желбата на Конте да донесат уште еден корпулентен напаѓач во екипата, а од ситуацијата би биле задоволни и во Рома, Фонсека би го отстранил проблемот во тимот, а веднаш би добил и соодветна замена во навалната линија на „волчицата“.

Се вчитува...