Никола Митревски бранеше извонредно, но Порто не успеа да се пласира во четвртфиналето од Лигата на Шампионите откако го загуби вечерашниот реванш од Алборг со 27-24. Португалците имаа идентични „плус три“ од првиот меч, но поради помал број на постигнати голови на гостински терен се елиминирани од елитното европско натпреваљрување.
Митревски беше најсветла точка во играта на Порто, особено во првото полувреме во кое македонскиот репрезентативец имаше 12 успешни интервенции. Ритамот не успеа да го одржи и во вториот дел пред се поради тактиката „седум на шест“ на противникот, со која Данците стигнуваа до чисти позиции за шут што ги претвораа во лесни погодоци. Во финишот беше супердраматично, Порто имаше напад за четвртфинале, но десното крило биеше крајно непрецизно, за огромна радост на ракометарите на Алборг.
Македонскиот интернационалец го заврши мечот со 15 успешни интервенции, што сепак се покажа недоволно за Порто да се најде меѓу најдобрите осум екипи во Европа.
Кил обезбеди пласман во четвртфиналето откако „зебрите“ славеа и на вториот дуел со Пик Сегед, овојпат на домашен терен со 33-28. Сагосен ја предводеше листата на стрелци со девет гола за актуелниот европски првак, додека најефикасен кај унгарскиот вицешампион беше Радивојевиќ со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА