Разочарување: Пелистер прокоцка „плус шест“, само реми со Шафхаузен

Еурофарм Пелиестер одигра само 25-25 на домашен терен против Кадетен Шафхаузен, пропуштајќи идеална шанса да стигне до првата победа во Лигата на Европа. Македонскиот вицепрвак одигра феномално прво полувреме, имаше „плус шест“ на паузата, но огромниот пад во играта и немањето одговор на зоната „пет еден“ на противникот скапо ги чинеше тренерот Бабиќ и неговите избраници.

„Пелистерци“ одлично го стартуваа натпреварот, поведувајќи со 4-1 и 5-2, импресионирајќи пред се со „шареноликоста“ во нападот. Вегар погоди во 13. минута битолскиот клуб имаше и „плус четири“ (7-3), но потоа следеше мал пад во играта што гостите го искористија и намалија на 9-8. Тренерот Бабиќ зеде тајмаут, на голот застана Чаневски, со што работите се вратија во нормала, предноста на Еурофарм Пелистер продолжи да расте, па нашиот претставник во 28. минута да поведе и со седум гола разлика (16-9). Мандалиниќ имаше шанса да зголеми и на „плус осум„ пред крајот на полувремето, но гостинскиот голман го одбрани неговиот удар, на спротивната страна прецизни беа Швајцарците и на одмор се замина со водство на „пелистерци“ од 16-10.

И кога се очекуваше мечот да продолжи во ритам, „пелистерци“ застанаа, а гостите влегоа во ритам и водството на битолчани почна да се топи. Од минута во минута истото се повеќе се намалуваше, за Шафхаузен да стигне и до израмнети 22-22, кога гостинскиот тренер побара и тајмаут на шест минути до крајот за да го испланира нападот за првото водство на својот тим на натпреварот.

Шелкер со својот седми гол донесе предност на швајцарскиот состав од 22-23. Пелистер израмни од пенал, а потоа блесна голманот Трајковски, кратејќи топка на противникот за контранапад и фрлајќи додавање до Периќ за водство од 24-23. Во драматична завршница гостите израмнија, па Мандалиниќ погоди од пенал за 25-24 за Еурофарм Пелистер на 40 секунди до крајот. Швајцарците тргнаа „седум на шест“ и погодија од крило, комплетирајќи го големиот камбек и стигнувајќи до голем бод во Битола.

Мандалиниќ беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер со шест гола, четири постигна Кушан, а по трипати прецизни беа Периќ и Граџан.

Се вчитува...