Реакција на МЗТ: Кошаркарска трагикомедија

По реакцијата на МЗТ Скопје за лошото судење на дуелот во Аеродром против ТФТ, раководството на клубот сега искочи со ново соопштение во која се критикува трагикомичната одлука на Комисијата за разгледување снимки на КФМ и на комесарот за натпреварување во која се признава грешката на судиите, но не се санкционираат истите.

Во продолжение прочитајте го целото соопштение на МЗТ Скопје:

„Трагикомедија. Вака, со само еден збор, најадекватно може да се прокоментира вчерашната одлука на Комисијата за разгледување снимки на КФМ и на комесарот за натпреварување за одбивање на жалбата на МЗТ Скопје поднесена поради ужасните грешки на судиите во победата над ТФТ (91-78). Даденото објаснување, пак, дефинитивно влегува во категоријата хумор и сатира и може да биде сценарио за урнебесен скеч од серијалот „К-15“.

Како поинаку и би можела да се класифицира одлуката во која се вели дека судиите грешеле и тоа многу, ама доброто било што тоа го правеле еднакво на двете страни. Тие, наводно, немале тенденција, само имале лош критериум. Со други зборови, преведено на народен јазик, во одлуката се вели дека „судиите појма немаат, ама зошто да ги казниме кога веќе победивте. Ете, ќе ги искараме, ќе им ги истегнеме ушите и нека си тераат децата, греота е, наши се.“ Карањето и тегнењето за уши е всушност давањето помали оценки за судењето на оваа средба, кои ќе им влијаеле на понатамошното рангирање, делегирање и добивање натпревари.

А, господине комесар, кои се тие послаби оценки? Кој ги видел и кој ги знае? Ние клубовите сигурно не, а јавноста уште помалку. И зошто во Македонија оценките на судиите се подобро чувана тајна дури и од рецептот за „Кока кола“ и за преливите од „Седмица“? Кого штитите со тоа, себе, судиите, клубовите или некого сосема десетти?

Затоа, МЗТ Скопје Аеродром бара во најитен рок да се донесе одлука оценките на судиите по секое коло односно по секој натпревар да се објавуваат јавно во Билтенот на сениорските лиги. Да се врати праксата каква што постоеше пред неколку години, кога сите знаевме какви оценки имаа делителите на (не)правдата. Зошто сега тие се кријат и дали ви е јасно дека со тоа оставате простор за сомневање, но и за манипулација?

Уверени сме дека сите останати прволигаши ќе нѐ поддржат во ова барање и дека тоа ќе биде прва точка на дневниот ред на првиот следен состанок на Здружението на прволигашите, а потоа и на Управниот одбор на КФМ. Кога веќе сѐ е јавно во кошарката, од казните на играчите и сумите кои тие треба да ги платат, тогаш бараме истиот принцип да важи и за судиите.

Само така сите ќе бидеме рамноправни во македонската кошарка. А, ние единствено тоа го бараме!“

 

Се вчитува...