Реакции по трагичната смрт на Жота: „Изгубивме еден од идолите на новата генерација“

Лавина реакции предизвика трагедијата која утрово го потресе целиот фудбал и спорт воопшто. Португалскиот фудбалер Диого Жота, загина заедно со неговиот брат Андре во трагична сообраќјна несреќа која се случила во Шпанија.

Фудбалскиот клуб Порто се збогува од Диого Жота и неговиот брат Андре.

„Фудбалскиот клуб Порто е во жалост. Со шок и длабоко жалење изразуваме искреној сочувство до семејството и пријателите на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва, кој исто така беше фудбалер во нашите младински категории. Почивајте во мир“, стоеше пораката на Порто.

Фернандо Сантос, поранешниот селектор на Португалија истакна дека е шокиран од оваа вест.

„Шокиран сум, без зборови. Ова е многу тажен момент за семејството, за сите кои работеа со него, затоа што сите го сакаа“, изјави Сантос, пренесува „Рекорд“.

Претседателот на Синдикатот на фудбалери во Португалија, Хоаким Евангелиста испрати порака по повод смртта на Диого и Андре.

„Немам зборови да опишам колку е разочарувачки и шокантно да се дознае дека Диого и Андре не напуштија на толку суров начин. Две извонредни човечки суштества, со ненадминлива понизност, внимание и грижа за другите. Покрај нивниот огромен фудбалски талент, тие беа добри луѓе, кои оставија трага врз мене и целиот мој тим во Синдикатот на играчи. Со верата што нè води во овие моменти, изгубивме еден од идолите на оваа генерација, изгубивме двајца луѓе од голема вредност, но мора да го почитуваме нивното наследство следејќи го примерот на љубезност и нивниот начин на живот. Почивајте во мир, Диого и Андре. Ова е многу тажен ден, за фудбалот и за Португалија.“, гласи пораката на Евангелиста.

Премиерот на Португалија, Луис Монтенегро испрати порака по повод смртта на Жота.

„Веста за смртта на Диого Жота и неговиот брат е трагична. Изразувам најдлабоко сочувство до неговото семејство. Ова е тажен ден за фудбалот и за целиот национален и меѓународен спорт“, напиша Монтенегро.

Португалската фудбалска федерација го стави логото во црно, и испрати порака по повод смртта на Жота.

 

Се вчитува...