Реакција и на Беса: Недосудени два очигледни пенали, ако во следното коло имаме нефер судење ќе се повлечеме од првенството! (ВИДЕО)

По само две одиграни кола во пролетниот дел од шампионатот, веќе трета реакција на судењето во Првата македонска фудбалска лига. Откако претходно реагираа Шкендија и Воска Спорт, денеска и Беса со отворена реакција на делењето на правдата на натпреварот со Гостивар.

Според раководството на Беса, тимот е значително оштетен, притоа изнесувајќи и видео-материјали од две спорни ситуации со недосудени пенали за нивниот тим.

„Неправдата мора да престане! ФК Беса 1976 отсекогаш е дел од фудбалот со посветеност, пожртвуваност и страст, максимално почитувајќи ги правилата на фудбалската игра. Но, за жал, на многу едноподруго натпревари продолжуваме да сме казнети од судиите. На денешниот натпревар не ни беа досудени два чисти пенали кои можеа да го променат текот на натпреварот и конечниот резултат. Ова не е првпат нашиот тим да се соочи со нефер одлуки кои директно штета не само на напорот на нашите финансиери и потта на играчите, туку и на интегритетот на играта. Издржавме многи вакви ситуации досега, надевајќи се дека ќе има подобрување, но и нашето трпение има граница! Ако се соочиме со ист некоректен и нефер третман и пристрасно судење на следниот натпревар, раководството на клубот еподготвено да се повлече од следните натпревари“ – се вели во соопштението од ФК Беса.

Во следното 21. коло од ПМФЛ на 2. март, екипата на Беса гостува на Вардар во Скопје во директна пресметка во битката за опстанок во елитното друштво.


Се вчитува...