Комисијата за натпревари на ФФМ, како што е познато, го суспендираше теренот на ФК Башкими 1947 од Куманово за одигрување домашни првенствени и куп натпревари. Сето тоа по немилите случувања на дуелот од Втората лига кога навивачи на Башкими влегоа на терен, а како што информираа од Каменица Саса, биле нападнати и гостински фудбалери. Па, сега се очекува одлуката и на Дисциплинската комисија на ФФМ околу казната за кумановци.
Сепак, денеска реакција од ФК Башкими од каде нагласуваат дека сите информации за инцидентот се преувеличени во јавноста.
Претседателот на Башкими, Арменд Дестани вели дека целиот натпревар минал во максимално коректна атмосфера, со мал инцидент на крајот, за што потврда се и изјавите на гостите по мечот, поради што очекува коректна одлука на Дисциплинската комисија.
„Во очекување на одлуката на Дисциплинската комисија на ФФМ околу инцидентот на натпреварот меѓу Башкими и Каменица Саса, раководството на Башкими остро се спротиставува на сите информации дека во Куманово имало насилство. Ние имаме видое запис од самиот натпревар, но и изјави од претставници на гостите дека пречекот, самиот натпревар и испраќање на сите гостински играчи како и службените лица било максимално коректно. Затоа очекуваме дека Дисциплинската комисија нема да потпаѓа на некои злонамерни пишувања кои преувеличија еден мал инцидент кој немаше никаква врска со инцидентот кој се случи во Тетово меѓу Тетекс и Саса. Ние силно веруваме дека Дисциплинската комисија на ФФМ ќе донесе праведна одлука, и дека нема да забрани нашите навивачи, кои секогаш ги имаме во голем број, да го следат во иднина својот клуб. ФК Башкими гарантира дека на следните натпревари како домаќин организацијата на натпреварите ќе биде на највисоко можно ниво, како што беше претходно против Охрид, Беласица и против Победа“ – вели првиот човек на Башкими, Арменд Дестани.
Инаку, раководството на Башкими денеска ја прифати и оставката на досегашниот тренер Флорим Имери, како морален чин и желба да даде нова енергија на тимот, по високиот пораз од 7-0 ова коло од Детонит Плачковица.
Флорим Имери ќе продолжи да работи како тренер на генерацијата 2014/2015 во академијата на Башкими, а нов тренер на сениорскиот тим ќе биде назначен деновиве.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

