Реакција за случувањата во пливањето: Централниот регистар само постапува согласно своите надлежности и закони!

Македонското пливање изминативе месеци живее под паралелните обиди за функционирање на два паралелни сојузи… Сето тоа беше разрешено на почетокот од месецов откако последно Дарко Нашков доби потврда од Централниот регистар на РМ како легитимно овластено лице на челот на ПФМ, но изненадувачки само 15 часа откако претходно, пак и Александар Маленко доби решение од Централниот регистар.

Нашков е сега прв човек на македонското пливање, Александар Маленко се закани и со тужби во Лозана, а Централниот регистар преку соопштение до нашата редакција ја дообјасни сопствената постапка која, како што вели, е во рамките на своите надлежности предвидени во законот за Централен регистар. При разгледување и одлучување по истите, Централниот регистар на Република Македонија во целост постапувал во согласност со член 39 од Законот за едношалтерски систем и за водење на Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.

СООПШТЕНИЕТО ОД ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР НА РМ ДО НАШАТА РЕДАКЦИЈА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Почитувани, Во врска со вашиот прилог, во кој се споменува Централниот регистар при уписот на претседател на ПФМ, ве информираме за следново:

Во врска со наводите за извршените уписи на промени во ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА Скопје, Централниот регистар на Република Македонија, ја известува јавноста дека истиот постапувал во рамките на своите надлежности предвидени во законот за Централен регистар.

Напоменуваме, дека до Регистарот на други правни лица кој се води во Централниот регистар на РМ се поднесени повеќе пријави за упис на промени во ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА Скопје. При разгледување и одлучување по истите, Централниот регистар на Република Македонија во целост постапувал во согласност со член 39 од Законот за едношалтерски систем и за водење на Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.

Имено согласно наведениот член Централниот регистар не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите, не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон. За вистинитоста и законитоста на прилозите и податоците одговара лицето, односно лицата определени со закон.

При донесувањето на одлуки по сите поднесени Пријави за упис на промени во ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА Скопје, Централниот регистар го почитувал и начелото на првенство предвидено во член 16 од Законот за едношалтерски систем и за водење на Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, според кое при судир на интереси во врска со упис на податок во регистарот, првенство има порано поднесената пријава за упис.

Притоа првично донесена е Одлука по прво поднесената пријава, потоа е пристапено кон разгледување и постапување по сите последователно поднесени пријави Во Решенијата за упис на промени донесени од Централниот регистар како првостепен орган содржана е правна поука согласно која се дозволува право на жалба до Комисија за жалби.

Со почит,

Централен регистар на РМ

Се вчитува...