Шпанскиот гигант Реал Мадрид и премиерлигашот Арсенал се подготвени да направат размена на играчи која ќе ги раздрма и Шпанија и островот. Според информациите, Карим Бензема би го облекол дресот на Арсенал, а Алексис Санчез би пристигнал на „Сантијаго Бернабеу“.
Јасно е дека Санчез нема следната сезона да го носи дресот на „топчиите“, а бидејќи Венгер не сака да го продаде на ривалите од Премиер – лигата, Санчез ќе мора да се сели од Англија, и според шпекулациите, би можел да се врати во Шпанија, но овој пат да заигра во дресот на „галактикосите“. Тој инаку е поранешен фудбалер на Барселона.
Имено, „кралевите“ се приклучуваат во трката за потписот на Чилеанецот, и се надеваат дека и покрај конкуренцијата од Челси, Сити, ПСЖ и Јувентус, тој ќе ја донесе вистинската одлука и ќе се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Зидан има опција да му дозволи на Бензема да си оди, со оглед на тоа дека сезонава често е критикувана неговата игра, а и самите фанови бараат промена во нападот и сметаат дека по девет години време е да се донесе нов голгетер кој ќе ги тресе мрежите.
Бензема пак веќе неколку лета се поврзува со трансфер на „Емирати“, но немаше никаков конкретен потег, ниту пак официјална понуда од Лондон за ‘деветката’ на европскиот шампион. Иако Санчез не игра како класичен напаѓач, Венгер повеќе пати му ја има доделено улогата „деветка“ на чилеанскиот репрезентативец, а тој без проблем ја завршуваше обврската.
Нападот Роналдо, Бејл и Санчез ќе биде сензација во Шпанија, но да не заборавиме дека најдобриот играч на Арсенал претходно го носеше дресот на Барселона цели три години. Малку играчи можат да се пофалат дека заиграле за двата најголеми ривали во Европа. Последен играч кој ги носел двата дреса е Хавиер Савиола, а претходно тоа беа Луиш Фиго, Луис Енрике, Михаел Лаудруп, Георги Хаџи и Роберт Просинечки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА