Реал Мадрид се зацврсти на чело на евролигашката табела откако „кралевите“ полесно од очекувањата славеа на гостувањето против Виртус Болоња со 74-89. Италијанскиот тим игра одлично на домашен терен сезонава, но избраниците на тренерот Банки немаа одговор за шутот од далечина со кој Реал стигна до двоцифрено водство во првото полувреме што европскиот шампион знаеше како да го задржи до самиот крај.
Јабуселе со 15 и Поарие со 14 поени беа најефикасни во таборот на Реал Мадрид, додека Кординие со 12 поени ги предводеше стрелците во екипата на Виртус Болоња. Ова беше трет пораз во последните четири рунди за италијанскиот состав, кој падна на седмото место на табелата.
Баерн Минхен цел натпревар водеше и заслужено триумфираше над Жалгирис со 64-58, на враќањето на Тринкиери во Минхен, овојпат како предводник на литванскиот кошаркарски гигант. Баварците заслужено триумфираа, а во главна улога беше Букер со 20 постигнати поени, додека Кинан Еванс имаше 21 за поразениот Жалгирис.
Асвел заслужено славеше над Анадолу Ефес со 84-80, меч на кој францускиот тим имаше целосна контрола над резултатот, на периоди имаше и двоцифрено водство, но Ефес во последната минута се врати и намали на 81-80 на 28 секунди до крајот. Американецот Ли ја имаше улогата на херој погодувајќи ја клучната тројка со која Асвел ја запечати заслужената победа. Луваву Кабаро со 21 и Томас со 20 поени беа најзабележителни во победничкиот тим, за кого ова беше само седми триумф во 29. меч сезонава во Евролигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА