Реал Мадрид сериозно размислува да го продаде Иско откако шпанскиот репрезентативец ја почна новата сезона со серија на слаби игри. Плејмејкерот во голем стил ја заврши ланската сезона, но не се наметна ниту кај Лопетеги, а уште помалку кај новиот тренер Сантијаго Солари.
Иско одигра само 51 минута под водство на аргентинскиот стратег, 34 против Валјадолид и 17 во Лигата на шампионите против Викторија Плзен. Реал Мадрид влезе во победничка серија под водство на Солари, па овој стратег не планира драстично да менува во тимот за наредните натпревари. Напротив, Солари ја има поддршката да продолжи во ист стил да ги третира дел од „ѕвездите“, а кога станува збор за Иско, нему веќе му е дадено до знаење дека веќе ја нема улогата на „недопирлив“ во таборот на актуелниот европски првак.
„Кралевите“ во изминатите две години во неколку наврати одбиваа богати понуди за шпанскиот плејмејкер, тој потпиша и нов договор, но според последните информации Иско е достапен за трансфер веќе во јануарскиот преоден рок. Се шпекулира со сума од 100 милиони евра што Реал ќе ја бара за услугите на својот ас, по што на готовс ќе биде Пеп Гвардиола, кој претходно покажуваше најсериозен интерес да го доведе овој играч во Манчестер сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА