Реал до ПСЖ: Договор до утре или трансферот на Мбапе пропаѓа!

Реал Мадрид изврши дополнителен притисок врз ПСЖ, со официјален документ известувајќи ги „светците“ дека ќе се повлече од преговорите за ангажман на Килијан Мбапе доколку трансферот не биде комплетиран до утре. Преодниот рок за елитните европски лиги истекува на 31 август, но Флорентино Перез не сака да чека до „пет за дванаесет“ и е подготвен да се повлече од трансферот, па потоа следното лето без никаква отштета да го доведе Мбапе на „Сантијаго Бернабеу“.

Првата понуда на Реал Мадрид изнесуваше 160 милиони евра и беше експресно одбиена од францускиот гигант. „Кралевите“ пред два дена се вратија со зголемена сума од вкупно 180 милиони евра (170 од нив при потпис, десетте останати милиони преку неколку клаузули). Доцна синоќа ПСЖ ја одби и оваа понуда, оценувајќи ја како недоволна за фудбалска суперѕвезда како што е Мбапе.

Директорот Леонардо и претседателот Ал Келаифи остануваат отворени за преговори, но цената што ја бараат изнесува загарантирани 200 милиони евра. Останува да се види дали Реал ќе ја понуди оваа сума, или преговорите ќе бидат прекинати, па Мбапе во јануари ќе потпише преддоговор за од наредното лето како слободен играч да се пресели во Мадрид.

Се вчитува...