Реал е нов шампион на Европа, Грците замолкнаа во Каунас

Реал Мадрид е новиот шампион во кошаркарската Евролига откако „кралевите“ славеа со 78-79 во големото финале против Олимпијакос. Откако се докажаа како мајстори за пресврти во четвртфиналето со Партизан, кошаркарите на шпанскиот гигант повторно направија подвиг, со пресврт во самиот финиш стигнувајќи до триумф. Серхио Љуљ беше херојот со шутот за победа на три секунди до крајот, единствениот погоден шут на Љуљ во ова големо финале, секако во најважен можен момент за неговиот тим. Олимпијакос има за што да жали бидејќи во долги периоди го контролираше резултатот, „црвено-белите“ имаа и поддршка од неколку илјади грчки фанови во Каунас, но на крајот сепак мораа со наведнати глави да го напуштат теренот.

Финалето почна со тројки на Кенан на едната и Ндаје на другата страна, но Олимпијакос беше тимот што прикажа подобра игра во првата четвртина. Кенан и Папаниколау погодија по две тројки, а кога во ритам влезе и Везенков предноста на грчкиот гигант експресно скокна на 19-10. Олимпијакос имаше и двоцофрено водство во првиот период (24-12), но Реал благодарение на зонската одбрана го неутрализираше нападот на противникот пред крајот на четвртината и намали на 24-17.

Зоната на „кралевите“ даде резултат и на стартот од втората четвртина, проработе и шутот од далечина на шпанскиот гигант, па Реал благодарение на поените на Хезоња и на Серхио Родригез го сврте резултатот во своја полза (29-31). Хезоња продолжи да доминира со десет поени во втората четрвтина, носејќи водство од 38-42 за Реал во 17. минута од финалето. Ревијата прецизни удари од далечина продолжи до крајот на полувремето, па со тројката на Мекисик на одмор се замина со израмнети 45-45.

Американецот Ајзеа Кенан беше важен фактор во играта на Олимпијакос и во третата четвртина, погодувајќи неколку шутеви, но и со неколку одлични акции во одбрана помагајќи му на својот тим да се одлепи на 57-52. Реал имаше свој адут во Вилијамс Гос и успеа за момент да го израмни резултатот, но грчкиот состав подобро ја заврши четвртината и во последните десет минути влезе со водство од 63-59.

Со одлична кошарка се продолжи и во последната четвртина, во која Олимпијакос имаше предност, но Реал во ниту еден момент не се откажа. Серхио Родригез погоди тројка за 78-77, по што Реал по промашувањето на Фал доби и напад за победа. Серхио Љуљ ја презеде одговорноста и погоди преку Фал за водство од 78-79 за Реал, принудувајќи го Барцокас на тајмаут на три секунди до крајот. Топката отиде во рацете на Слукас, но искусниот плејмејкер промаши и „кралевите“ се закитија со големиот трофеј.

Се вчитува...