Реал го избра новиот Модриќ: Аргентинското чудо од дете потпиша за „кралевите“

Реал Мадрид продолжува со комплетирање на трансфери на самиот почеток од преодниот рок, па најтрофејниот европски клуб денеска се пофали со потписот на Франко Мастантуоно, аргентинското чудо од дете кое на 17-годишна возраст ќе им се приклучи на „кралевите“.

Тој неодамна испиша историја како најмлад играч кој дебитирал на еден официјален меч за Аргентина, а денеска го комплетира и трансферот од соништата во редовите на Реал. „Кралевите“ платија 45 милиони евра на Ривер плејт, активирајќи ја клаузулата за трансфер што бешеше подготвен да ја плати и европскиот првак ПСЖ, но директорите на „кралскиот клуб“ успеаја да го убедат младиот Аргентинец да се пресели во Мадрид наместо во Париз.

Младиот Аргентинец поседува и италијански пасош, па нема да зафаќа место на неевропско засилување на „кралевите“, воедно и ќе може да дојде во Европа пред својот 18. роденден.

Според договорот, Мастантуоно ќе настапува за Ривер на претстојниот клупски мундијал, потоа ќе добие и неколку седмици одмор од Чаби Алонсо, a неговото пристигнување во Мадрид се очекува на 15 август.

Шпанските медиуми го најавуваат аргентинскиот талент како „новиот Лука Модриќ“, но се очекува Реал да доведе најмалку уште еден врвен фудбалер за врска летово, за да го намали притисокот врз овој бисер.

Се вчитува...