Не е лесно да се биде тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан до вчера важеше за генијален стратег, но целиот имиџ на Французинот се смени за една минута – со победничкиот гол на Лео Меси на големото дерби на „Сантијаго Бернабеу“. „Кралевите“ веќе не се толку сигурни во титулата, па медиумите рафално тргнаа против тренерот, весникот „Марка“ директно го обвини Зидан дека е главен виновник за поразот, а вториот мадридски весник „Ас“ обелодени дека „кралевите“ веќе подготвуваат замена за Зизу доколку тој потфрли во финишот од сезоната, во кој Реал се бори за титулата во Примера, но и за одбрана на трофејот во ЛШ.
Германскиот селектор Јоаким Лев е стручњакот во кого претседателот Флорентино Перез гледа „план Б“ во случај Зидан да не ги оправда очекувањата на крајот од оваа сезона. Неофицијално, веќе е остварен и првичниот контакт, кај Германецот постои интерес за соработка, но „кралевите“ не сакаат да ги интензивираат преговорите до крајот на сезонава. Лев има договор како селектор на Германија до 2020 година, но во истиот има и клаузула што го ослободува доколку добие понуда од некој европски гигант како Реал, Барселона, Баерн или Манчестер јунајтед.
Ова сигурно ќе биде дополнителен притисок врз Зидан во овој стресен период за него, па останува да се види како ќе се снајде Французинот во оваа ситуација, почнувајќи од гостувањето со Ла Коруња закажано за среда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА