Арсенал целата работа околу пласманот во четвртфиналето ја заврши уште на првиот меч во Ајндховен, демолирајќи го ПСВ со преубедливи 1-7.
Ситуацијата можеби ќе беше поинаква доколку ПСВ реализираше зицер при 0-0 (погоден беше дирекот), по што следеше фуриозен одговор на „топчиите“. Тимбер со прекрасен гол со глава го донесе англискиот тим во водство, а на погодокот на Холанѓецот набрзина се надоврзаа и Нванери и Мерино, носејќи предност од 0-3. ПСВ пред крајот на полувремето успеа само да ја намали негативата преку Ланг од пенал. Тоа беше само краток блесок на домаќините ако се знае дека Арсенал продолжи да доминира во вториот дел, постигнувајќи уште четири погодоци (два на Едегард, епо еден на Тросар и на Калафиори).
Градската пресметка меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид заврши со триумф на „кралевите“ од 3-1. Првото полувреме заврши со 1-1, по двата прекрасни погодоци што беа постигнати во мрежите на Облак и на Куртоа. Реал прв дојде во водство со фантастичниот гол на Родриго, но израмнување за Атлетико донесе Алварез со феноменален погодок од аголот на шеснаесетникот. Херој на Реал не беше ниту Мбапе ниту пак Винисиус, туку Брахим Дијаз, откако плејмејкерот мајсторски си создаде простор во противничкиот шеснаесетник, а потоа со одмерен удар го совлада Облак.
Борусија Дортмунд не успеа да ја искористи предноста на домашен терен, ремизирајќи 1-1 на дуелот со Лил. „Милионерите“ први поведоа откако Адејеми стрелаше прецизно од работ на шеснаесетникот, но Лил се консолидираше во второто полувреме, успевајќи да израмни преку Харалдсон по генијалната асистенција на Џонатан Дејвид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

