Реал Мадрид веќе подолго време е во потрага по квалитетен напаѓач, но Флорентино Перез дефинитивно ја има променето клупската стратегија, решавајќи повеќе да не плаќа богатство за скапи ѕвезди, туку сака парите да ги инвестира во млади и далеку поевтини играчи. Впрочем, тоа е главната причина поради која претседателот на Реал решил воопшто да не испраќа понуди за Роберт Левандовски и за Хари Кејн, туку вниманието го насочил кон српскиот интернационалец Лука Јовиќ.
Овој 21-годишен напаѓач е вистински хит на сезоната во дресот на Ајнтрахт, постигнувајќи прекрасни голови во Бундес-лигата и во Лигата на Европа за германскиот клуб. Тимот од Франкфурт го има позајмено Јовиќ од Бенфика, но летово сигурно ќе ја активира клаузулата за откуп на неговиот договор за 12 милиони евра. Затоа што цената на Јовиќ во меѓувреме порасна четири пати, па се очекува европските гиганти следното лето да платат околу 50 милиони евра за да го доведат младиот Србин во своите редови.
Во оваа трка во преден план се очекува да биде Реал Мадрид, откако Флорентино Перез токму во него го видел идеалното засилување на нападот. „Кралевите“ сметаат дека Јовиќ би можел добро да се снајде и како „втор шпиц“ крај Карим Бензема, а во ситуација кога цената му е двојно пониска од онаа на Левандовски и на Кејн, јасно е зошто раководството на Реал ќе настојува уште во текот на сезонава да го осигура летниот трансфер на Србинот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА