На Реал Мадрид му се заканува одземање на два трофеја, по еден во шпанската АЦБ и во Копа Дел Реј, откако беше обелоденето дека еден од странците кои настапувале за кралевите“ во 2015 година, Маркус Слотер, играл за овој тим со фалсификуван пасош. Шпанските власти веќе објавиле налог за апсење на Слотер, верувајќи дека имаат доволно докази за да го уапсат поранешниот кошаркар.
Во тој период шпанските прволигаши смееја да имаат само по два тима со статус на странци, да доаѓаат од земји надвор од Европа или oд листата на 78 држави од Африка, Карибите и Пацификот кои имаа договор за работни односи со Шпанија. Реал во таа сезона ги имаше Аргентинецот Кампацо и Мексиканецот Ајон како странци. Слотер настапуваше како државјанин на Екваторијална Гвинеја заедно со уште еден кошаркар, Енди Панко од Фуенлабрада, а истрагата покажала дека пасошите на двајцата играчи биле со ист број, што е апсолутен доказ за фалсификат.
Потемелната истрага утврдила дека агентот кој ги донел двајцата кошаркари бил човекот кој ги подигнал пасошите во амбасадата и ги поднел до лигата. Таа 2015 година била последна во која двајцата играчи настапувале во Шпанија, Панко потоа заминал во францускиот првенство, додека Слотер направи успешна кариера во Грција, Турција и Италија, пред во 2021 да се пензионира како член на АЕК Атина.
Свој удел во целата истрага има и Барселона, која била вицешампион во лигата таа година, но и поразена во финалето од Копа дел реј. Каталонците се убедени дека налогот за апсење на Слотер е јасен знак за вината и дека судскиот процес ќе го докаже тоа. Доколку тоа се случи, од Барса гласно најавуваат дека ќе поднесат барање за одземање на трофеите и истите да бидат доделени на каталонскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА