Дин Хујсен е едно од откровенијата на сезоната во Премиер-лигата откако младиот дефанзивец потпиша од Јувентус за Борнмут за сума од 15 милиони евра и за помалку од една година се промовираше меѓу најдобрите млади дефанзивци во најсилната лига во светот.
Фактот дека клаузулата за раскин на договорот со Борнмут изнесува 50 милиони фунти за летово го прави Хујсен интересен за бројни врвни клубови ширум Европа, пред извесно време се најавуваше дека Реал Мадрид е најблиску до овој потпис, но последните информации говорат дека тој трансфер нема да се реализира. Имено, Флорентино Перез решил да ги стопира преговорите, оценувајќи дека не би требало да се инвестираат толку пари во нов млад дефанзивец, кога „кралевите“ веќе го имаат Асенсио како играч за иднината во дефанзивната линија.
Ридигер, Алаба и Милитао сите имаа проблеми со повреди во изминатиот период, па доколку Реал тргне по нов одбранбен играч, тоа сигурно ќе биде по играч со значително искуство и реноме, што значи и дефинитивно повлекување од преговорите за Хујсен.
Англиските медиуми најавуваат дека Челси е сега клубот кој води во трката по младиот дефанзивец. „Сините“ се подготвени повторно да потрошат богатство на пазарот, а шопингот сакаат да го почнат токму со младиот Шпанец. Тод Боели без проблем би ја платил клаузулата од 50 милиони фунти, а на Хујсен му е понудено да потпише на самиот почеток на месец јуни, за потоа веднаш да може да дебитира за новиот тим на клупскиот мундијал што ќе се одржи во САД. На дефанзивецот му е понудена тројна повисока плата од она што го заработува во Борнмут, па се чини дека „сините“ со право се вбројуваат меѓу главните кандидати за потписот на шпанскиот интернационалец, кој неодамна дебитираше и за А-селекцијата на „црвената фурија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА