Флорентино Перез ќе даде зелено светло за заминување на Лука Модриќ од Реал Мадрид, но само доколку некој од заинтересираните клубови се согласи да плати 80 милиони евра – сума на која првиот човек на „кралевите“ го има проценето хрватскиот фудбалски генијалец. Модриќ минатото лето беше поврзуван со преселба во Интер, но трансферот беше блокиран од страна на Перез, не сакајќи по Кристијано Роналдо да загуби уште една „ѕвезда“ од својот тим.
Сепак, ситуацијата сега е поинаква, Флорентино подготвува ремонт на тимот за наредното лето, во кое се очекува да си замине и Модриќ. Хрватот ги освои сите индивидуални признанија доделени за оваа година, а со оглед на фактот дека Модриќ ќе наполни 34 години, на Перез му е јасно дека сега е вистинското време да го продаде пред неговата вредност да почне вртоглаво да паѓа. Шпанските медиуми објавија дека поставената цена е 80 милиони евра, откако Флорентино минатото лето на слична возраст наплати 100 милиони евра за Кристијано Роналдо.
Сепак, постојат сериозни сомнежи дека некој клуб би издвоил толкави средства за Модриќ, кој е фудбалски велемајстор, но не и играч од кого може дополнително да се заработува преку маркетинг и имиџ-права. Интер најавува нова офанзива за Хрватот, но понудата на „нероаѕурите“ нема да ја надмине границата од 40 милиони евра, што е половина од сумата што ја бара Реал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА