Реал Мадрид го демолираше Баерн за последниот билет во плејофот

Реал Мадрид стигна до последниот билет за плејофот од Евролигата откако „кралевите“ славеа на вечерашниот дуел против Баерн со убедливи 93-71, во клучниот меч од плејин за место во четвртфиналето, каде „кралевите“ ги очекува серија со Олимпијакос. Баерн допатува дополнително ослабен без својот најдобар кошаркар Карсен Едвардс, во чие отсуство баварците не успеаја посериозно да му се спротивстават на домаќинот во Мадрид.

Триумфот беше најавен со неверојатната прва четвртина што ја одиграа „кралевите“ во стартните десет минути, во кои седум различни играчи на Реал погодија по една тројка и шпанскиот гигант поведе со 33-17. Баерн само за момент во втората четвртина намали на десет поени разлика, но Реал предводен од Хезоња и од Кампацо повторно дополнително се одлепи на резултатски план. На полувреме се замина со убедливи 52-33 за Реал, по што шпанскиот гигант целосно го контролираше резултатот до самиот крај и конечните 93-71.

Хезоња беше прв стрелец на Реал Мадрид со 21 поен, Муса реализираше 16, а Кампацо го заврши мечот со 12 поени и 5 асистенции. Нејпир со 19 и Обст со 12 поени беа најефикасни кај Баерн во последниот европски меч на баварскиот гигант за оваа натпреварувачка сезона.

Со завршувањето на плејинот, познати се сите двојки од четвртфиналето во плејофот во Евролигата:

Олимпијакос – Реал Мадрид

Фенербахче – Париз

Панатинаикос – Ефес

Монако – Барселона

Се вчитува...