На Флорентино Перез веќе му стана јасно дека битката за задржување на Кристијано Роналдо во Мадрид е загубена, па првиот човек на Реал веќе ги насочи мислите кон наоѓање на нови играчи со кои би се покрило заминувањето на најдобриот фудбалер на „кралевите“ во последните девет сезони. Перез веќе имал консултации со новиот тренер Лопетеги на оваа тема, при што е избран и наследникот на Роналдо – Белгиецот Еден Азар.
Асот на Челси и претходното лето беше поврзуван со „кралскиот клуб“, тогаш тој реши да остане во Лондон, но овојпат ситуацијата е поинаква. Во Челси владее мини-хаос поради затегнатите односи меѓу Конте и Абрамович, па рускиот милијардер се уште не може да го донесе Маурицио Сари за нов менаџер додека не му врачи отказ со богата отпремнина на Конте. Згора на тоа, „сините“ во новата сезона нема да бидат дел од Лигата на шампионите, причина повеќе Азар да инсистира на заминување од „Стемфорд бриџ“.
Неофицијално, подготвена е и понуда од 100 милиони евра, односно сите пари што Реал ќе ги заработи од продажбата на Роналдо ќе бидат насочени за носење на Азар, но се очекува Лопетеги да инсистира на уште едно засилување за нападот, за тимот да може да се носи со Барселона во Примера дивизион. Флорентино Перез лани го продаде Мората, притоа не носејќи адекватна замена, па „кралевите“ летово речиси сигурно ќе донесат уште еден врвен голгетер крај Бензема. ПСЖ не сака ни да чуе за продажба на Мбапе и на Нејмар, сличен е и ставот на Баерн за Левандовски, па Баерн сега вниманието ќе го насочи кон Икарди од Интер, а како опција се споменува и Един Џеко од Рома.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА