Ерлинг Браут Халанд е новото „чудо од дете“ во европскиот фудбал, откако норвешкиот голгетер постигна девет погодоци на еден меч од младинскиот Мундијал, а потоа почна во фуриозен ритам од стартот на сезонава во дресот на Салцбург. Бројките се неверојатни, тој одигра 11 средби за австрискиот првак, притоа постигнувајќи дури 18 погодоци, меѓу нив и хет-трик на дебито во Лигата на шампионите против Генк.
Нема сомнеж за вонсериските квалитети на овој екстра-голгетер, па затоа не е никакво изненадување што Реал Мадрид реши да тргне во офанзива за потпис на Халанд. Весникот „Ас“ објави дека клупската управата ги следела настапите на норвешкото „чудо од дете“, по што е донесена одлука и да се стартуваат преговори со Салцбург за да се излезе како победник од оваа трка, во која учествуваат и неколку екипи од Премиер-лигата.
Салцбург плати пет милиони евра за да го доведе Халанд во своите редови, австрискиот клуб ќе заработи барем десеткратко повеќе, но прашањето е дали Норвежанецот ќе биде заинтересиран за трансфер следното лето или ќе сака да остане во клубот каде ќе игра редовно и ќе продолжи правилно да се развива. „Кралевите“ од Мадрид се подготвени и за таква опција, да го потпишат Халанд, па да го остават на едногодишна позајмица, по што тој во 2021 година би пристигнал на „Сантијаго Бернабеу“ и сериозно би атакувал на првотимски статус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА