Реал Мадрид го официјализираше најзвучното засилување летово

Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид го официјализираше шестото засилување за ова лето, и тоа најзвучното Канаѓанецот Треј Лајлс.

Лајлс пристигнува во Мадрид по една деценија играње во најсилната лига во светот. Претходните три сезони играше за Сакраменто, пред тоа за Детроит, Сан Антонио, Денвер и Јута, кои го избраа во 2015 година.

Лајлс потпиша едногодишен договор со Реал и со тоа стана шестото засилување на „Кралскиот клуб“ ова лето, по Тео Маледон, Дејвид Крамер, Габриеле Прочида, Чума Океке и Изан Алманса. Новиот тренер на Мадрид, Серхио Скариоло, ќе се обиде да ги спои сите во хармонична целина.

Лајлс, да потсетиме, е и стандарден репрезентативец на Канада.

Покрај неговата импресивна игра, тој има и солиден шут за три поени. Во текот на неговата десетгодишна кариера во НБА, тој имаше стапка на успешност во шутирањето од далечина од 37,4 проценти, што ќе додаде дополнителна димензија на офанзивната игра на тимот.

Откако Јабуселе замина во НБА, Реал бараше играч од сличен калибар, за кој веруваат дека сега го добија во името на Лајлс.

Се вчитува...