Два европски великани се сериозно заинтересирани за услугите на играчот за врска на Лацио, Сергеј Милинковиќ – Савиќ, и ќе наддаваат за него ова лето, откриваат медиумите во Италија. Се работи за Реал Мадрид и за Манчестер јунајтед, кои бараат профил на играч токму каков што е Србинот, офанзивен играч за врска околу кого ќе ја градат играта наредната сезона.
„Кралевите“ имаат лоша сезона во Ла Лига и претседателот Флорентино Перез веќе ги селектира новите „галактикоси“ кои треба да пристигнат на „Сантијаго Бернабеу“. Иако приоритет е напаѓач, и тука главни цели се Роберт Левандовски или Хари Кејн, на „кралскиот клуб“ му е потребно освежување и во средниот ред. Покрај Деле Али од Тотенхем, токму Сергеј Милинковиќ – Савиќ е означен како главен „пик“ за ново засилување.
Манчестер јунајтед, од друга страна, има проблеми со Пол Погба, кој не ги прикажува очекуваните игри, па Жозе Мурињо веќе е фокусиран да пронајде негова замена. Играчот на Лацио го следи подолг период и ќе се обиде на лето да го доведе на „Олд трафорд“. Но, тоа нема да биде нималку лесна задача, и за „црвените ѓаволи“ и за „кралевите“.
Лацио одреди цена од 170 милиони евра за услугите на Сергеј Милинковиќ – Савиќ. Тоа е огромна сума дури и за Реал Мадрид и за Манчестер јунајтед, ако се знае дека Србинот се уште нема играно на врвно ниво, и нема поголемо искуство од Лигата на шампионите зад себе. Сепак, се очекува оваа сума да биде спуштена со преговори, а Сергеј Милинковиќ – Савиќ да биде продаден за околу 120 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА