Луда идеја на Реал Мадрид: Испраќа пет играчи во Дортмунд во замена за стопер

Сезонава Реал Мадрид се соочува со сериозна дефанзивна криза, а претседателот Флорентино Перез наводно подготвува спектакуларен потег за решавање на проблемите. „Кралскиот клуб“ го таргетира германскиот дефанзивец Нико Шлотербек, а за да го доведе од Борусија Дортмунд, се подготвени да понудат дури пет свои играчи во замена.

Според „Дефенса Централ“, Реал е подготвен да ги испрати Гонзало Гарсија, Фран Гарсија, Андриј Лунин, Раул Асенсио и Диего Љоренте во Дортмунд. Целта на оваа необична понуда е да се намали барањето за отштета на германскиот клуб, кој, според „БИЛД“, бара околу 70 милиони евра за својот 26-годишен репрезентативец.

Очајните потези на раководството на Реал се директен резултат на огромните проблеми со повреди што ја мачат соблекувалната. Тимот на тренерот Чаби Алонсо е особено погоден во задната линија, што стана хроничен проблем за клубот во есенскиот дел од сезоната.

Моментално надвор од игра се Едер Милитао, Трент Александар-Арнолд, Давид Алаба и Дани Карвахал. Антонио Ридигер неодамна се врати на теренот, па одбраната ја сочинуваат младиот Дин Хујсен и Раул Асенсио. Доаѓањето на Шлотербек би било клучен дел од сложувалката што Чаби Алонсо се обидува да ја состави.

Се вчитува...