Трансферите од Атлетико директно во Реал Мадрид се многу ретка работа, па затоа изненадувачки делува одлуката на Флорентино Перез првото засилување за наредната сезона да го договори токму од таборот на градскиот ривал. Првиот човек на Реал нема ни да чека на согласност од „јорганџиите“ бидејќи е подготвен да ја плати отштетната клаузула за да доведе член на Атлетико Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.
Интересно, не станува збор за Гризман, Годин или Караско, туку за 19-годишниот Тео Хернандез. Францускиот интернационалец сезонава ја мина на позајмица во Алавес, каде настапува извонредно на позицијата лев бек, со што го привлекол вниманието на тренерот Зинедин Зидан. Тренерот на Реал го сака токму овој тинејџер како замена за Коентрао и прва резервна опција за Марсело, а претседателот Перез решил да му ја исполни желбата на Зизу. Сите детали од шестгодишниот договор со Хернандез се веќе средени, a за да нема одолговлекување во преговорите со Атлетико „кралевите“ подготвиле понуда од 24 милиони евра, колку што изнесува откупната клаузула на овој млад фудбалер.
И додека Хернандез важи за „засилување за иднината“, Реал сигурно ќе доведе и две големи ѕвезди во текот на летниот преоден рок, со Обамејанг и Азар на врвот на листата со желби на „кралскиот клуб“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА