Жозе Мурињо ќе одмори од фудбалот во следните неколку месеци, за во текот на летово да прифати нов предизвик во свој поранешен клуб. Реал Мадрид е подготвен да го врати Португалецот назад на „Сантијаго Бернабеу“ откако Флорентино Перез го избрал токму Мурињо за предводник на тимот за наредната сезона. Како што јавува весникот „Ел Паис“, понудата од Мадрид е премногу добра за да биде одбиена – 20 милиони по сезона за наредните три години, а се очекува договорот да биде потпишан уште во текот на оваа сезона, а да стапи на сила од 1 јули 2019 година.
Шпанските медиуми информираат дека генералниот директор на Реал, Хозе Анхел Санчез, имал неформални разговори со трофејниот стручњак уште во октомври, при што и двете страни искажале заинтересираност за нова заедничка соработка. Во меѓувреме Реал го отпушти Лопетеги, а за нов тренер го избра Сантијаго Солари, за кого малкумина веруваат дека може да остане и по завршувањето на сезонава. Отказ во Манчестер доби и Мурињо, што го прави португалскиот стратег достапен за „кралевите“, откако во меѓувреме ќе си ги наплати и 24-те милиони евра за предвремениот раскин на договорот со „ѓаволите“.
На Жозе му оди во прилог и најавуваниот ремонт на тимот на Реал, што значи дека Флорентино Перез ќе му обезбеди и фонд за трансфери од над 200 милиони фунти за да доведе неколку фудбалери по своја желба, за составување на моќен тим што ќе атакува на сите трофеи на шпанската и европската фудбалска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА