Веста дека Лука Модриќ и понатаму ќе биде дел од хрватската фудбалска репрезентација со големо задоволство беше примена од страна на Хрватите, но не и од раководството на Реал Мадрид кое не е задоволно од оваа одлука на 38-годишникот.
По неуспешното Европско првенство во Германија капитенот се одлучи да остане дел од репрезентацијата за престојните предизвици кои носат дури шест натпревари во три месеци во Лигата на Нации. Тоа претставува голем проблем за Реал Мадрид кој го очекува една од најдолгите сезони во историјата со повеќе од 70 натпревари.
Проблем претставува и неочекуваното заминување на Тони Крос па Модриќ треба да ја превземе улогата на Германецот и да биде во врвна форма за клупските предизвици. Од Реал Мадрид стравуваат дека преголемиот број на натпревари може да има лош ефект по искусниот фудбалер па тој бил повикан на разговор од страна на Флорентино Перез, пренесуваат шпанските медиуми.
Модриќ не отстапува од настапите за својата репрезентација, но во договор со клубот се очекува неговата минутажа во дресот на „коцкестите“ да биде добро балансирана. Досега фудбалерот од средниот ред беше речиси незаменлив во дресот на Хрватска па тоа претставува и проблем за селекторот Златко Далиќ кој треба да се прилагодува на новите околности.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА