Реал Мадрид на шопинг во Тотенхем, но не за Хари Кејн

Карим Бензема се наоѓа на излезна врата од Реал Мадрид откако францускиот ветеран донесе одлука да ја прифати понудата вредна 200 милиони евра за преселба во Саудиска Арабија, оставајќи ги „кралевите“ во незавидна позиција да останат без класичен голгетер за новата сезона.

Веќе е договорено доаѓањето на Хоселу од Еспањол, но шпанскиот ветеран е предвиден како резервна варијанта, а „кралевите“ во наредните денови ќе тргнат во офанзива по врвен голгетер кој ќе биде предводник на нападот на најтрофејниот европски клуб. Шпанските медиуми најавуваат дека Флорентино Перез и Карло Анчелоти ќе тргнат на шопинг во лондонски Тотенхем, но изненадувачки не за трансфер на Хари Кејн.

Бразилецот Ришарлисон е желбата на Карло Анчелоти за нов голгетер на Реал, опција што е интересна и за самиот Перез, ако се знае дека Ришарлисон би требало да биде двојно поевтин од Кејн, Осимен и останатите голгетери од светска класа за чии трансфери се шпекулира со месеци наназад. Јавна тајна е дека Флорентино планира следното лето повторнод да тргне во офанзива за потпис на Килијан Мбапе, поради што не сака да има двајца прескапи голгетери во тимот.

Ришарлисон воопшто не се снајде во Тотенхем по трансферот од Евертон, беше во конфликт со Антонио Конте, а ситуацијата не му се подобри ниту по заминувањето на италијанскиот стратег. Бразилецот дефинитивно ќе биде заинтересиран за трансфер во Реал, но останува да се види како Флорентино Перез ќе се договори со Даниел Леви, кој важи за исклучително тежок преговарач за продажба на своите фудбалери. Се очекува понудата на Реал да изнесува 50 милиони евра, а не се исклучува опцијата „кралевите“ дополнително да испратат на позајмица некој свој фудбалер во Тотенхем.

Се вчитува...