Реал Мадрид од пекол до рај на Енфилд, Наполи победнички од Франкфурт (ВИДЕО)

Реал Мадрид речиси е во 1/4 финалето во Лигата на шампионите, откако вечерва го совлада Ливерпул на „Енфилд“ со убедливи 2-5. „Кралевите“ беа пред портите на „пеколот“ во 14. минута откако имаа негатива од 2-0. Никој не очекуваше дека Реал толку лесно ќе стигне до добар резултат, но на крајот избраниците на Карло Анчелоти ја казнија секоја грешка на Ливерпул, за на крај убедлива победа. После пеколните 14 минути за Реал, заигра онака како што се очекуваше од нив, а Ливерпул немаше решение за расположените „кралеви“ кои со голема предност ќе го дочекаат реваншот на свој терен.

Двата тима одиграа прво полувреме за паметење во кое Ливерпул брзо поведе со 2-0, а потоа Реал брзо врати и стигна до 2-2, но можеше дури и до пресврт и до водство. Уште во 4. минута Нуњез прекрасно со петица го најде патот до мрежата на Алисон. Во 14. минута нова радост на Енфилд, откако Салах по огромната грешка на Куртоа го удвои водството.

Реал делуваше загубено, но во 21. минута еден индивидуален потез на Винициус за намалување на водството, за потоа Алисон да му возврати на Куртоа за „киксот“ и му подари гол на Винициус за 2-2. Шанса имаше Родриго за пресврт, но во последен момент Арнолд реагираше и спаси чист гол.

Тонењето на Ливерпул продолжи и на стартот во вториот дел кога „кралевите“ стигнаа до предност. Едер Милитао во 47. минута со глава погоди по додавање на Модриќ и така донесе прво водство за шпанскиот тим. На сцена потоа стапи и Карим Бензема кој во 55. минута со помош на Гомез донесе и водство од 2-4. „Петардата“ Реал ја комплетираше во 67. минута кога Французинот погоди по асистенција на Винициус. На крајот Реал мирно го доведе мечот до крај и славеше убедлив триумф.

Интересен натпревар се одигра и во Франкфурт, од кој профитираше Наполи. Италијанскиот тим и лидерот во Серија „А“ се стекна со добра предност од ова гостување. Италијанците почнаа со промашен пенал во 36. минута на Кварацхелија, но тоа не ги поремети во желбата да дојдат до победа. Осимен во 40. минута на асистенција на Лозано успеа да го совлада Трап.

Во вториот дел голема предност на Наполи после црвениот картон на Коло Муани. Сето тоа го користи Ди Лоренцо кој во 65. минута донесе 0-2 за гостите. Елмас влезе во 80. минута од мечот, и доби жолт картон до крајот на натпреварот.

Се вчитува...