Реал Мадрид е подготвен за продажба на Герет Бејл, откако велшкиот ас во меѓувреме го загуби и првотимскиот статус од Зинедин Зидан, од кого до неодамна уживаше огромна поддршка. Како што јавува шпанскиот весник „Диарио Гол“, Флорентино Перез веќе прифатил и една понуда за услугите на велшкиот ас, во висина од 130 милиони евра.
Не станува збор за понуда од Европа, туку од Кина, од клуб чие име се чува во тајност додека не бидат почнати преговори со самиот фудбалер. Ваквиот развој на настаните би им одговарал на „кралевите“, но потешкиот дел од задачата ќе биде да се убеди играчот, кој за желба си има зацртано враќање назад во Премиер-лигата.
Челси, Манчестер јунајтед и неговиот поранешен клуб Тотенхем сите најавија дека во текот на летото ќе испратат понуди за Бејл, па интересно ќе биде дали фудбалскиот ас ќе тргне по парите на Далечниот Исток, или ќе си го послуша срцето и ќе се врати назад на „островот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА