Реал Мадрид реши голем проблем, сега почнува со нови засилувања

Реал Мадрид не успеа да стигне до нова европска круна во кошаркарската Евролига, што беше само мотив плус за Флорентино Перез и клупските директори да ги забрзаат активностите за формирање на ростерот за наредната сезона.

Главниот проблем е решен – Еди Тавареш ќе продолжи да доминира во рекетот носејќи го дресот на Реал откако одличниот центар конечно ги договори условите за продолжување на соработката. Тавареш беше поврзуван со Панатинаикос, потоа доби и пребогата понуда од новиот клуб во Дубаи, но поради неизвесноста околу иднината на оваа екипа во Евролигата искусниот центар повторно седна на маса со „кралевите“, при што беше постигнат целосен договор за продолжување на соработката за дури пет сезони.

Еди Тавареш е член на Реал од 2017 година, кога пристигна од редовите на Гран Канарија. Одличниот центар сезонава имаше просек од 9,6 поени,6,6 скокови и 1,5 блокади по натпревар.

Следен фокус на „кралскиот клуб“ е ангажман на неколку нови засилувања, од кои најблиску до потпис е Лоренцо Браун. Одличниот организатор на играта веќе објави дека е решен да си замине од Макаби, а Реал не ја крие желбата со ангажманот на Браун уште повеќе да ја засили плејмејкерската позиција во тимот. Неизвесно е дали Марио Хезоња ќе потпише нов договор, но затоа веќе се водат преговори за враќање на Гаруба, кој е блиску до камбек во Реал откако не се снајде најдобро во НБА-лигата.

Се вчитува...