Реал Мадрид се експерти за ЛШ: Со победа во Лондон заверија полуфинале (ВИДЕО)

Колку и да е отпишуван, колку и да има „приказни“ дека повеќе не може и дека ова е максимумот, Реал Мадрид едноставно е неприкосновен во Лигата на шампионите. Вечерва со триумф над Челси во Лондон, „кралевите“ само го заверија пласманот во полуфиналето.

Четата на Карло Анчелоти најпрво одолеа на нападите на Челси во првиот дел и се одбрани по шансите на Канте и на Кукурелја, за во вториот дел да не му даде никаква шанса на англискиот тим да се надева дека може да ја расипе работата.

Родриго со погодената статива во првиот дел како да најави што ќе се случува, а во вториот дел со два гола успеа да донесе триумф на мадриѓаните. Родриго првиот гол го постигна во 58. минута на асистенција на Винициус Жуниор, а судбината на Челси и дефинитивно ја запечати во 80. минута кога погоди по асистенција на Валверде.

Реал Мадрид во полуфиналето ќе се сретне со поуспешниот од дуелот Баерн – Сити. Сити има предност од првиот меч со 0-3.

Се вчитува...