Реал Мадрид се збогуваше од легендата: “Gracias, capitan”

Реал Мадрид денеска и официјално се збогуваше од Начо, откако 34-годишниот ветеран реши да си замине од „Сантијаго Бернабеу“ и кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија.

Ветерано заминува во тимот на Ал Квадсија, со кого потпиша договор на две сезони за годишна плата од  10 милиони евра, далеку повисока од она што го заработуваше во Реал Мадрид.

„Благодариме, капитену“, гласеше пораката на Реал Мадрид во објавата за разделбата од Начо, кој одигра 634 средби за „кралскиот клуб“. Воедно, тој има 26 освоени пехари со Реал, со што е најтрофеен во историјата на „кралевите“ рамо до рамо со Лука Модриќ.

Начо беше дел од Реал Мадрид од 2001, кога на десетгодишна возраст се приклучи на младинската школа на шпанскиот гигант. Десет години подоцна од Жозе Мурињо доби шанса да дебитира во првиот тим на Реал, секогаш беше тука да помогне иако никогаш не важеше за прва опција кај тренерите, а токму скромноста и макотрпната работа го направија миленик меѓу навивачите.

„Од првиот ден кога дојде во клубот како дете, тој секогаш беше пример за напредок за сите околу него. Затоа и ја заслужи љубовта и воодушевувањето на сите навивачи на Реал Мадрид. Реал Мадрид е и засекогаш ќе биде негов дом“, изјави претседателот Флорентино Перез за Начо.

Се вчитува...